Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Од:

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по шеснаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата ДЕНЕС 2022 за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.

dobivaj vesti na viber

Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во 2022 година но и овозможува уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Отворениот повик траеше од 17 март до 30 април, 2022 година и се пријавија дваесетина кандидати.

Жири комисијата во состав: Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на Residency Unlimited (RU) во Њујорк,  Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово, и Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата ДЕНЕС во 2021 година, одбра четири финалисти кои понатаму ќе се натпреваруваат за наградата.

Во изборот на 4 финалисти влегоа:

– Дарко Алексовски

– Ивана Мирчевска

– Кристина Пулејкова

– Зоран Шекеров

Исто така, жирито посебно ги пофали уметничките Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Марија Трпеска и дополнително ги окуражи да продолжат со својата работа.

По овој процес на одбирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 23  јуни 2022 год. во Национална галерија на Република Северна Македонија – Мала станица во Скопје а жирито, кое ќе се дополни со два члена од интернационалната уметничка сцена, ќе го/ја избере и добитникот/добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU).

КРАТКО ОБЈАСНУВАЊЕ ОД ЖИРИТО ЗА СЕЛЕКЦИЈАТА

Делата на финалистите покажуваат разновидни уметнички продукции во рамките на современата македонска визуелна уметничка сцена. Уметниците кои влегоа во потесниот круг беа избрани врз основа на покажаниот потенцијал во нивните индивидуални практики, уникатниот естетски пристап и јасната перспектива во процесот на создавање уметност.

Уметничката практика на Дарко Алексовски се движи на пресекот помеѓу текстот и сликата. Тој го прифаќа цртежот како аналитичка алатка способна да канализира сеќавања, имагинации и реалност. Неговата работа ја прави видлива тенденцијата да ги замагли границите помеѓу личното искуство и колективната меморија, помеѓу сеќавањето, имагинацијата и чувството на припадност. Преку употребата на различни методи и често вклучувајќи соработки и учество на публиката, овде и сега стануваат споени со сеќавањата и имагинацијата на уметникот на нежен и разигран начин.

Ивана Мирчевска истражува различни дисциплини и медиуми, како што се аудиовизуелни есеи, уметнички книги и хибридни инсталации. Создавајќи елаборативни, спекулативни и документарно-фиктивни амалгами кои ја доведуваат во прашање нормативната перцепција, ориентација и репрезентација, под влијание на технологиите на видот нејзината работа функционира како моќно афективно посредување помеѓу телата и просторите на припадност. Делото на Мирчевска открива нови сензибилности развиени во општеството како резултат на постојаното унапредување на технологиите на видот. Нејзините вешто произведени уметнички продукции и систематското истражување на материјалноста на екранот ни овозможуваат да ја разбереме природата на тие процеси на повторно поврзување, и ни помагаат дополнително да ги рекалибрираме нашите мозоци во согласност со новите услови во кои функционираме.

Кристина Пулејкова создава (с)мисловно предизвикувачки дела, кои се фокусираат на односот помеѓу човекот и животната средина, од позиција на употребата на технологијата и науката. Нејзината практика ја премостува уметноста со природните науки, кореографијата, музиката, компјутерските науки, и произлегува од нејзината остроумна соработка со практичарите во тие области. Работејќи помеѓу подвижни слики, перформанси, инсталација и имерсивните технологии, нејзината работа се осврнува на горливите еколошки прашања на денешницата преку вешто користење на субјективниот наративен формат кој ја овозможува перспективата на протагонистот и различен начин на гледање, со идеја да ја постави публиката во центарот на сцената. Нејзиното најново дело кое го истражува фитоминирањето (екстракција на тешки метали од растенија) и нејзиниот перформативен проект кој ги следи скршените миграциски патишта на загрозените европски јагули, меѓу другото, го илустрира напредното разбирање на Пулејкова за различните визуелни алатки кои таа ефикасно ги применува во нејзините. уметнички стратегии.

Зоран Шекеров ги проширува границите на фотографијата со истражување и документирање на човековата состојба во даден општествено-политички контекст и ги испитува прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата, настрана од визуелните, физичките својства на фотографијата. Неговите проекти се развиваат преку интервјуа, историски истражувања и прецизна фотографска документација на заедниците и поединците. Неговото карактеристично фотографско дело открива внимателно и рефлексивно набљудување на чувството за идентитет и припадност на субјектите во специфичен општествено-политички контекст.

БИОГРАФИИ НА ФИНАЛИСТИТЕ

Дарко Алексовски (1989) е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите кои се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања. Алексовски завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Како уметник гостувал на неколку резиденциски програми низ Европа. Од позначајните учества на групни меѓународни изложби се издвојуваат Traces and Memories, Галерија Кунихан во Бранзвик (Мелбурн, 2021), What would happen if? The choice to build an alternative future, Музеј Санта Јоана (Авеиро, 2020), Paying Attention, Академие Грац (Грац, 2019), The Tokyo Art Book Fair 2017, Магацин Террада (Токио, 2017), Streetlight, Revisited, Галерија Роман Сузан (Чикаго, 2019), и 55. Oktobarski Salon – Disappearing Things, Музеј на град Белград (Белград, 2014). Алексовски моментално живее и работи во Велес, Северна Македонија.

Ивана Мирчевска (1992) е визуелна уметница и истражувачка со седиште во Скопје, која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото. Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсек сликарство и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија.

Нејзините неодамнешни дела и ангажмани вклучуваат: уметничка книга “At an angle of 45 degrees” издадена во соработка со „Приватен принт“, „Медиум Пукнатина: Алтернативен сет на потпори за искачување“ во Галерија Ко-Ра (2021), “Notes from surfacing: At an angle of 45 degrees” Студио Приватен Принт (2021), како и колаборативните проекти: „Иконографија на ритуалот: Пливање во лепливото езеро“ во Галерија МКЦ (2021) и „Ничии прагови конкретно“ Галерија МКЦ (2020).

Нејзините дела се изложувани и прикажувани во контекстот на Supernova Regeneration Festival, Денвер, САД (2021), Dislocations, Scottish Graduate School for the Arts and Humanities (2021), Биенале на млади, Белград, Србија (2021); Fuori Visioni Festival 6| Tra muro e confine-Atto I e II, Пијаченца, Италија (2020-2021); Биенале на млади уметници, МСУ, Скопје (2021).

Кристина Пулејкова (1988) е уметница, стационирана помеѓу Скопје и Лондон, чија интердисциплинарна практика е заснована на науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот како употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек-природа. Работејќи низ движечката слика, звукот и инсталацијата, таа има цел да изгради субјективни наративи, засновани врз научни податоци и начела. Кристина има магистрирано сликарство и анимација на Универзитетот за применета уметност, Виена, Австрија, и има магитратура на уметност и наука од Сентрал Сеинт Мартинс, Лондон. Добитничка е на инаугуративната награда Фламин Фелоушип на Филм Лондон (2017). Делата на Кристина се изложени/емитувани, меѓу другите, и во Националната галерија Скопје, Музејот на современа уметност, Скопје, Северна Македонија; Научен музеј, Лондон, Обединето Кралство; МАН Музеј, Сардинија, Италија; The V&A, Лондон, Обединето Кралство; МАК, Виена, Австрија; Проект Спејс Кунсталле, Виена, Австрија; Хет Гласпавилјоен, Ајнховен, Холандија; Арт КОП21, Париз, Франција; Галерија Уајтцчапел (Whitechapel Gallery), Лондон, Обединето Кралство; Фестивал Арт Ликс, Лондон, Обединето Кралство; Луишам арт хаус, Лондон, Обединето Кралство; Кралски колеџ за уметност, Лондон, Обединето Кралство.

 

Зоран Шекеров (1992) е документарен фотограф со седиште во Скопје, С. Македонија. Дипломирал на катедрата за фотографија на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје. Неговата практика вклучува долгорочни креативни истражувачки проекти во полето на фотографијата кои се соочуваат со човечката состојба во даден социо-политички контекст и ги испитуваат прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата. Неговиот документаристички стил ги спојува врските помеѓу формата (вклучувајќи го телото и просторот) и чувствата, сеќавањата и верувањата. Тој придава големо значење на односот што го гради со фотографираните субјекти, како што може да се прочита во приказните раскажани од неговите фотографии на карактеристичен, интроспективен и интуитивен начин. Во соработка со издавачот на уметнички книги од Скопје, „Приватен принт“, Шекеров ја објави „FOLDED“ (2021 година), фото-книга фокусирана на телата на пеливанските борачи и нивните ритуали. Шекеров соработува со еминентни фотографи во неговата родна земја и регионот, а има изложувано на индивидуални и групни изложби во С. Македонија и на меѓународно ниво.

Краток историјат на наградата ДЕНЕС

Во 1990 година Венди В. Луерс, основачка и директорка на Фондацијата за граѓанско општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да оддаде признание на уметничката изврсност на младите визуелни уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД.

Основачи на наградата во Македонија се Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од 2002/2003 год. Од 2015 год. водството на организација и имплементација на наградата го превзема организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Првичното жири на наградата одлучи да ѝ го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955 година.

Од 2015 год,  наградата се доделува секоја втора година на млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка до 35 години. Дополнително, меѓу-годината ФРУ ја организира дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, составена од серија на настани со цел да се зајакне и поттикне знаењето на младите визуелни уметници во земјава.

Програмата или мрежата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – https://www.yvaawards.org/ ) во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding. Денес 12 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора. Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на резиденцијалната програма во Њујорк.

Повеќе инфомации за критериумите за аплицирање: http://akto-fru.org/en/Критериуми-за-аплицирање_application-criteria/

Повеќе инфомации за процесот на избирање: http://akto-fru.org/en/Процес-на-избирање_selection-procedure/

За сите прашања можете да се обратите кај: Ивана Васева, кураторка и орагнизаторка на наградата [email protected] или да ја консултирате веб страната: www.akto–fru.org

Би можело да ве интересира

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Македонските уметници може да учествуваат во изработка на мурал за иднината на Европа

Ана Ололовска

Уметникот Крстевски со меѓународна награда од Фестивал во Турција

Ана Ололовска