Албанската министерка за економија и финансии Делина Ибрахимај изјави дека инфлацијата во земјата минатиот месец била пониска од стапката на инфлација во земјите од регионот.
На прес-конференција Ибрахимај рече дека инфлацијата во јули достигнала 7,5 отсто, што е најниска во споредба со другите соседни земји, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Инфлацијата во Албанија е значително пониска од земјите од регионот. За седум месеци од годинава нивото на инфлација изнесува 5,3 отсто. Инфлацијата во нашата земја од 7,5 отсто во јули е значително најниска меѓу земјите од регионот, рече Ибрахимај.
Според неа, транспортните трошоци влијаеле на поскапувањето на храната и пијалоците, но досега економијата имала позитивни резултати и инфлацијата била контролирана.
– Податоците покажуваат дека економски раст имало во вториот и третиот квартал. Преплетот на сите политики заедно со поддршката доведе до тоа албанската економија да има позитивни перформанси и инфлацијата да се контролира. Елементот што најмногу влијаеше на поскапувањето на трошоците на Албанците се храната, пијалоците и транспортните трошоци, но досега економијата имаше позитивни перформанси и инфлацијата беше контролирана благодарение на преземените мерки, посочи министерката.
Таа додаде дека храната поскапела за 13,2 отсто и оти војната во Украина се одразила на цените во целиот свет.