Лидерот на Партијата на слободата и доскорешен шеф на албанската држава, Илир Мета, оцени дека економската состојба во земјата оди кон колапс, што е „последица на лоштото менаџирање на јавниот долг“.
-Предупредивме дека неодговорноста на управувањето со јавниот долг води кон целосен колапс на целокупната економско-социјална состојба во државата и особено на албанските семејства. Јавниот долг, кој се уште е нејасен поради нетранспарентноста на самата влада, сега е загрозен од нови фактори, како што се зголемувањето на каматите и рефинансирањето. Централна банка се одлучи за зголемување на основната каматна стапка и предупреди дека ова е процес кој може да продолжи, рече Мета.
Се знае, додаде тој, дека внатрешниот долг е над 35 отсто додека надворешниот е 34 отсто од вкупниот долг.
-Централна банка ги зголеми каматните стапки во јули, а во септември се очекува уште едно зголемување и на секој нов надворешен долг што ќе треба да се преземе ќе влијае зголемувањето на каматите и заедно со дополнителните трошоци што треба да ги платат албанските граѓани. Познато е дека зголемувањата на цените се галопирачки. Има продукти каде зголемувањето е 100 отсто, двојно или тројно и оваа неодговорност во менаџирањето на оваа состојба доведува до колапс на националната и семејната економија, обвини тој, додавајќи дека земјата е „влезена во потрошувачка криза“.
Извор: МИА