Радикалната палестинска група Исламски џихад денеска потврди дека нејзиниот висок командант бил убиен во израелски воздушен напад во Појасот Газа.
„Сараја Ал Кудс (Ерусалимските бригади) тагува по водачот Калед Мансур, член на Советот за безбедност и командант на југот (од Појасот Газа), кој вчера загина како маченик во израелски воздушен напад“, се вели во соопштението на групата.
„Сараја Ал Кудс“ е вооружено крило на „Исламски џихад“.
Во соопштението се прецизира дека Мансур загинал заедно со уште двајца борци во градот Рафах, во јужниот дел на Појасот. Се посочува и дека се убиени петмина цивили, меѓу кои дете и три жени, откако во нападот биле уништени неколку станбени згради во Рафах.
Синоќа, Министерството за здравство во Газа соопшти дека 24 лица, меѓу кои шест деца, досега се убиени во израелските воздушни напади. Не е јасно дали во оваа бројка се вклучени и жртвите во Рафах, каде се уште се бараат преживеани под урнатините, пишуваат западни медиуми..
Според денешното соопштение на израелската армија на Западниот Брег се уапсени дваесет осомничени членови на „Исламски џихад“.
Извор: МИА