Италијанскиот екстремнодесничарски лидер Матео Салвини ќе ја започне својата кампања за парламентарните избори од островот Лампедуза во Средоземното Море, каде секоја година десетици илјади мигранти се симнуваат од бродови.
Како што често се случува лете, кога времето е поубаво и намалени се ризиците при патување од Северна Африка, сместувачкиот центар на островот е преполн – таму се регистрирани над 1.500 лица, трипати повеќе од капацитетот.
Камен – темелник на програмата на Салвини се идеите за запирање на миграциските текови и граничните контроли.
На изборите закажани за 25 септември, неговата партија „Лига“ ќе се претстави со своите сојузници – десничарската „Напред, Италија“ и постфашистичката „Италијански браќа“. Тие се сметаат за фаворити со оглед на неединството на левата страна – меѓу нивните ривали.
– Италија не може да прими десетици илјади имигранти, кои носат само проблеми, доаѓајќи од другиот крај на светот, изјави тој пред денешната посета на островот Лампедуза, каде и ќе преноќи.
Како министер за внатрешни работи во 2019 година, Салвини спречи низа хуманитарни спасувачки бродови со мигранти да се симнат во Италија.
Според анкетите, имиграцијата не ги загрижува толку Италијанците, колку економските прашања со оглед на високата инфлација, што ја намалува куповната моќ и ги зголемува сметките за струја и гориво.
Изминативе месеци анкетите покажуваат дека „Лига“ заостанува зад партијата „Италијански браќа“, раководена од Џорџија Мелони, која исто така повикува на „морска блокада“, со цел спречување на мигрантите да дојдат до Медитеранот.
Извор МИА