По веста дека туристи на агенцијата „ЈК Травел“ биле информирани да го напуштат хотелот „Хотелот Олеа Гарден“ во Геракини, Грција на неколку дена пред престојот, реагираше македонската агенција со информација дека станува збор за кратко недоразбирање.
„Ве информираме дека гостите кој се сместени во Хотел Олеа Гарден се во своите соби и продолжуваат со својот одмор како што и првично имаа резервирано и уплатено. Станува збор за непроверена информација која произлезе од кратко недоразбирање.
Во ниеден момент никој од нив не беше оставен на улица и не остана никој без сместување. Ова го тврдиме најодговорно.
Сите гости остануваат во хотелот во кој имаа уплатено за својот одмор. Истото можат да го потврдат и гостите кои се сместени во горе неведениот сместувачки капацитет. И самиот хотел се очекува во најбрз временски период да испрати официјален допис со кој ќе ја демантира оваа невистина“, соопшти агенцијата.
Информацијата дека хотелот им го прекинал одморот на 12 семејства поради нерасчистени сметки со агенцијата дојде од гостите кои на социјалните мрежи сами објавија дека се исфрлени од хотелот.
„А1он“ стапи во контакт со еден од туристите кои во моментов се во хотелот.
– Добивме известување утре да го напуштиме хотелот, а имаме платено до недела. Уште првиот ден имавме проблеми, некои од семејствата немаа сместување и сите беа оставени ноќта да се снаоѓаат на улица затоа што агенцијата „ЈК Травел“ нерегуларно работи. ТУка сме 12 семејства, односно околу 50-тина луѓе, меѓу нив и дваесетина деца – истакна Аце Стојковски, еден од туристите кои ги користат услугите на агенцијата.
Тој рече дека некако стапиле во контакт со агенцијата, но оттаму се однесувале како да е се нормално и не знаеле што е проблемот затоа што наводно имале испратено уредна листа со гости во хотелот.