Вилма Русковска, шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал смета дека републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, не е тој кој што треба да одлучи дали претресот во Финансиската полиција има недоследности, односно дали е законски. Таа смета, дека тоа треба да си го каже судот. Русковска по извештајот од Репуличкото јавно обвинителство, каде се констатираат неправилности кои би значеле и незаконско постапување, за „А1он“ даде свој коментар.
„Дали е законски претресот, одлучува судот кој ја издал наредбата“, вели Русковска.
На делот од извештајот каде се вели дека иако од неа, обвинителката Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска биле побарани информации за поплаките на Финансиската полиција, а кои според истиот таа и Трајчева не ги дале, Русковска тврди: „Од мене никој не побарал информација“.
Меѓудругото, како недоследност во постапувањето е наведен и фактот што во барањето за претрес доставено до Кривичен суд, се дале погрешни податоци. Надзорот утврдил дека Обвинителството посочило дека се сомнева за сторено кривично дело, а во предметот имало само пријава без докази.
Русковска за „А1он“ тврди: „Јас никого не сум излажала, поготово што судот не може да биде излажан“.
„Доколку Муареми сметал дека претресот е незаконски, можел да вложи жалба до Кривичен совет. Тој нема вложено жалба“, вели Русковска за „А1он“.
Од шефицата на Обвинителството кое треба да гони организиран криминал немаше коментар за делот од извештајот каде се посочува дека ненадлежен обвинител го водел предметот. Во склоп на оваа институција има специјално одделение кое испитува само случаи поврзани со полициски службеници. Во конкретниот случај, според Републичкото обвинителство, тие требало да го водат овој предмет.
Случајот во јавност излезе откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција влезе во Финансиската полиција. Директорот Арафат Муареми тврдеше дека се препишувале предмети од книга во која се запишувале примени пријави.
Основа за претретсот била кривична пријава од на перална за автомобили во Дебар против директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми за злоупотреба на службена положба и овластување, малтретирање во вршење на службата и насилство. Во пријавата поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, до Јавниот обвинител на Македонија до Владата и до Министерството за финансии сопственикот на пералната навел дека директорот Муареми му се заканувал и го уценувал.
Директорот Муареми за „А1он“ кажа дека оваа кривична пријава е продолжение на нападите против него и Управата кои доаѓаат од ист центар, откако претрес во Управата направи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Управата за финансиска полиција, поднесе претстава против Русковска бидејќи сметаа дека претресот бил неоснован. По постапување од Републичкото обвинителство, доесен е извештај за постапувањето.