Српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција по средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Белград изјави дека „Мадрид ја поддржува Србија на патот кон ЕУ без да бара влакно во јајцето и без дополнителни услови“. Педро Санчез истакна дека „Шпанија ја поддржува Србија кога е во прашање Косово, дека таа секогаш ќе биде за разговор, но дека, без никакво сомневање, територијалниот интегритет секогаш мора да се почитува“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ја поддржуваме Србија кога станува збор за Косово, Шпанија беше и ќе биде со Србија во одбрана на овие вредности и секогаш ќе се залага за разговор меѓу тие страни за решавање на тие проблеми, кажа Санчез на прес конференцијата.
Александар Вучиќ рече дека разговарале за европскиот пат на Србија и на Шпанија и изрази благодарност за континуираната поддршка и почитувањето на територијалниот интегритет на Србија.
-Разговаравме за европскиот пат на Србија, благодарен сум за континуираната поддршка, без да прави и да бара влакно во јајцето и без дополнителни услови. Шпанија е искрен пријател и ја поддржува Србија, тоа го почувствувавме и во Брисел, рече Вучиќ.
Тој кажа и дека Србија ќе продолжи да купува воена опрема од Шпанија, бидејќи веќе има набавено два шпански транспортни авиони.
Вучиќ изјави дека на средбта со шпанскиот премеир Педро Санчез разговарале и за иницијативата Отворен Балкан.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез по средбата со Александар Вучиќ на Твитер напиша дека на вечерата во Белград, на претседателот на Србија му ја пренел поддршката на Шпанија за полноправното членство на Србија во Европската Унија.
-Војната е причината да почнеме да размислуваме за тоа што е Европа и кои сме ние Европејците. Не можеме да го заборавиме Западен Балкан. Денеска на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му ја пренесов поддршката на Шпанија за Србија да стане полноправна членка на ЕУ. Сега е момент, напиша шпанскиот премиер на Твитер.