Челси претрпе тежок пораз од Арсенал во пријателски натпревар со 4:0 во Орландо. Избраниците на Микел Артета одиграа одличен натпревар и целосно го надиграа Челзи, победија со головите на Габриел Жесус, Одегард, Сака и Локонга, но повеќе од резултатот за Томас Тухел беше поразителен настапот.
Тренерот на Челзи по натпреварот отворено го критикуваше неговиот тим, како и новата управа, за која смета дека вложила премалку во тимот. Ова беше втор последователен пораз на Челзи на подготвителните натпревари.
„Не се сеќавам кога последен пат загубив два натпревари по ред на подготовките. Тие натпревари ми се многу значајни бидејќи ги сметам за важни за атмосферата, чувството, хармонијата и самодовербата во тимот. Ментално не бевме во играта воопшто, што не е изненадувачки бидејќи голем број играчи размислуваат да го напуштат клубот“, изјави Тухел и продолжи:
„Не можеме да се надеваме на ништо друго додека ситуацијата е ваква во клубот. Зошто нешто би се сменило со истите играчи во тимот? Сите во клубот мора да се соберат и да се обидат да променат нешто бидејќи во моментов не изгледаме добро. Единствена светла точка беше Калиду Кулибали кој одигра без грешка. Бевме надиграни од екипа која воопшто не игра во Лигата на шампионите“.
Челзи до крајот на подготовките в петок ќе игра против Удинезе, а потоа се враќа во Англија каде го чека стартот на новата сезона во Премиер лигата. Првиот натпревар во првенството избраниците на Тухел ќе го одиграат на 6. август на гости кај Евертон.
Извор: Топспорт