Македонија е соочена со драматичнa политичка ситуација. Настаните од 24 декември беа трагичен потсетник на континуираниот неуспех на гарнитурата на Никола Груевски, која не е способна да води дијалог и дебата со сите партии, вели поранешниот амбасадор на ЕУ во земјава, Ерван Фуере, за порталот на албански јазик, Portalb.
Фуере за неуспехот на комисијата да ги разреши случувањата од 24 декември вели дека довело до продлабочување на поделбата во општеството.
– Овие случувања, вклучувајќи ги и неуспехот на комисија за разрешување на драматичните настани од 24 декември да заврши својата работа во рамките на договорениот рок, и неподготвеноста на владата да промовира дух на компромис и консензус, доведоа до поголема ерозија на основните демократски вредности и стандарди во земјата, како и продлабочување на недовербата, во веќе длабоко поделено општество, тврди Фуере.
Тој за Порталб вели дека во Македонија има недостаток на демократско владеење.
Партијата на ВМРО-ДПМНЕ која е на власт, не е во можност да ги стави настрана тесните интереси на својата политика во корист на поголем јавен интерес, и да работи во духот на консензус за да се постигне целта која ги обединува сите- земјата да се приклучи кон ЕУ. Она што е особено загрижувачки се редовни напади од владејачката партија врз граѓанските организации и медиумите, кои имаат важна улога во било која функционална демократија, вели Фуере.
Вината што Македонија не беше спомната на јунскиот самит не е толку поради спорот за името, туку многу повеќе поради состојбата со демократијата во Македонија и недостатокот од добро владеење на земја-кандидат за членство во ЕУ, вели во интервјуто за Порталб, Ерван Фуере.