Фудбалерот на Челзи, Калиду Кулибали, откри дека поранешниот соиграч од Наполи, Жоржињо и колегата од националниот тим Едуард Менди го поканиле да им се придружи на „Стемфорд Бриџ“, пред да биде официјализиран трансферот вреден 40.000.000 фунти.
„Жоржињо ми испрати порака со која ме праша дали би сакал да дојдам во Челзи. Тогаш не бев сигурен дека навистина ме посакуваат, но им одговорив дека со задоволство ќе дојдам. Истото се случи и со Менди, но кога тој ме праша, трансферот веќе беше договорен – му реков дека наскоро ќе се видиме. Сега сум тука и среќен сум затоа што започнувам возбудливо ново поглавје во мојата кариера. Тимот изгледа одлично, тоа е микс од искусни и талентирани млади играчи“, изјави 31-годишниот стопер.
Кулибали ја истакна важноста на разговорот со менаџерот на „сините“ Томас Тухел при договарањето на условите поврзани со неговото доаѓање во Лондон – на тимот му требаше дефанзивно засилување, а Сенегалецот конечно ќе се испроба во Премиер лигата по осум успешни сезони во Наполи.
Челзи е на претсезонска турнеја во САД каде забележа триумф од 2:1 против Клуб Америка.
Извор: Топспорт