Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ) е против нацрт-предлогот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со кој се дозволува со државни пари да се плаќаат кампањи и реклами во приватните медиуми. Новинарските здруженија веќе се изјаснија дека ваквиот нацрт-предлог ќе значи озаконување на корупцијата во медиумите и на голема врата враќање на методите на поранешниот премиер Никола Груевски за купување на уредувачката политика оти милионски суми ќе се слеваат на сметките главно на петте национални телевизии.
Агенцијата смета дека понудените решенија се проблематични почнувајќи од дефинирањето на кампањите од јавен интерес, начинот на нивно спроведување, а особено нивното финансирање со средства од државниот буџет и од буџетите на локалната самоуправа.
„Медиумите имаат обврски и одговорност кон јавноста и оваа своја улога треба да ја извршуваат без надомест и без какви било влијанија. Со предложените измени со буџетски средства ќе се плаќа за пренесувањето на идеите и активностите на централната и локалната власт, што повторно отвора простор за директно нарушување на уредувачката самостојност и независност на медиумите, нивно корумпирање и создавање клиентелистички и сервилен однос кон власта“, велат од Агенцијата.
Потсетуваат дека во сегашниот Закон за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги е предвидено кампањите од јавен интерес и апелите за добротворни цели да се емитуваат бесплатно на програмите на радиодифузерите. Според стандардите, за кампањи од јавен интерес се сметаат исклучиво оние што се однесуваат на теми од поширока општествена корист или алтруистичка цел (како безбедност во сообраќајот и на патиштата, граѓански должности, здравствени кампањи и така натаму), без разлика кој е нивниот нарачател.
„Агенцијата и претходно јавно реагира дека средствата на даночните обврзници, односно на граѓаните, не треба да се користат за рекламирање во медиумите. Исто така, кампањите од јавен интерес не смее да се користат како начин за субвенционирање на медиумите. Регулаторот е на став дека треба да се субвенционира создавањето програмски содржини, но тоа да биде направено на таков начин што ќе придонесе за создавање квалитетни радио и телевизиски програми од интерес на јавноста, без да се поткопува независноста на медиумите“, велат од Агенцијата.
За решавање на проблемот со финансирање на медиумите, Агенцијата го поддржува предлогот на здружението на регионалните и локалните станици „Медиум објектив“ за „формирање фонд за медиуми, со кој би се субвенционирале програмски содржини од регионална и локална тематика заради развој на програмската понуда и стимулирање на демократскиот плурализам во општеството“.
Од Агенцијата нагласуваат дека носењето законски решенија што ќе ја гарантираат слободата и независноста на медиумите на медиумите е можно само со широки јавни консултации со сите засегнати страни, пред сè, со релевантните професионални здруженија и со регулаторот.
Новинарските здруженија веќе известија дека воопшто не биле вклучени, ниту на каков било начин консултирани за подготовката на нацрт-предлогот за кој велат дека е во корист само на петте национални телевизии.