Крајбрежната служба на Грција и спасувачките екипи и денеска, шести ден по ред, ја продолжуваат потрагата по исчезнатиот македонски државјанин на Халкидики.
Од Министерството за надворешни работи на Македонија синоќа соопштија дека „како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население“.
Паралелно, додадоа, дека нашите претставништва остануваат во интензивен контакт со надлежните институции на Грција и семејството на исчезнатиот.
Братот на Мартин, Горан, утре наутро од Америка ќе дојде во Грција. Toj побара од волонтерите за спасување да се подготват за голема операција бидејќи тој ќе направи се што е потребно за да го лоцира неговиот брат.
Мартин Јовановски (31) исчезна пред шест дена кога заедно со двајца негови другари го однесоа морските струи на плажата во Посиди на Халкидики.
Пријателот на Мартин, Иван, кој беше спасен по повеќе од 20 часа во вода, веќе апелираше за финансиска помош откако отвори сметка за донации за поддршка на потрагата по 31-годишниот маж.