Во екстрадиционен притвор се наоѓа Хрватот Данијел Иванагиќ кој се бараше со меѓународна потерница, а е осомничен во истиот случај каде е и ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Иванагиќ, управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“ од кое според Обвинителството, Зеќири нарачал физибилити-студија, е упасен во Словенија. Според информации на „А1он“, тој бил задржан кога се обидел од Хрватска да влезе во Словенија, на граничниот премин.
„А1он“ побара информации од Министерството за правда, дали е отпочната процедурата за екстрадиција, од каде се очекува одговор. За Иванагиќ беше распишана меѓународна потерница. Потерницата и натаму е активна за Денис Фудуриќ, основач на фирмата каде Обвинителството тврди дека Зеќири исплатил пари, без да ја избере на тендер.
Судија на претходна постапка, по барање на обвинителката Катерина Коларевиќ, одреди притвор за Иванагиќ пред три месеци, кое треба да биде спроведено по неговото пронаоѓање.
Истрагата против Зеќири, уапсениот Иванагиќ и Фудуриќ по кој се трага е во тек. Првоосомничен е ексгенералниот секретар, а хрватските државјани се осомничени за помагање при извршување на злоупотребата на службената положба и овластување.
„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишуваше во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.