Грчките крајбрежни спасувачки служби трагаат по третиот Македонец кого го одвлекоа струите на Егејското Море кај Посиди на Халкидики. Во потрагата по исчезнатиот 28-годишен Македонец учествуваат два патролни брода, седум чамци и еден хеликоптер.
Од морето се спасени двајца од тројцата другари, 25-годишниот Васил Брезовски и 30-годишниот Иван.
Немилиот настан се случи во саботата кога попладнето тројцата другари го прославувале роденденот на Иван, по што решиле да влезат во морето. Пркосејќи му на многу силниот ветер кој достигнал 6 бофори и на големите морски бранови, тие решиле да се нурнат во водата, поради што биле понесени од морските струи
За многу кратко, според изјавата на Брезовски, тројцата веднаш биле однесени од морските струи во длабокото. Васил Брезовски бил пронајден само неколку часа откако се изгубиле од страна на сурфер, а Иван поминал 18 часа во вода држејќи се за воздушна топка.