Претседателот Стево Пендаровски денеска во Берово го посети Дневниот центар за лица со ментална или телесна попреченост при Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа, каде што беа пуштени во употреба кабинети за физикална и хидро-терапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.
Под покровителство на претседателот Пендаровски, минатата година Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија обезбеди финансиски средства во износ од еден милион петстотини и четириесет илјади денари, наменети за реконструкција на овој Дневен центар, односно за опремување на кабинетите и на сензорната соба.
Во Дневниот центар претседателот Пендаровски беше запознаен со начинот на кој функционираат кабинетите и сензорната соба како и со очекувањата за нивниот придонес кон овозможување поквалитетна услуга и личен развој на корисниците.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од успешно спроведениот проект, нагласувајќи ја потребата од натамошно актуелизирање на предизвиците со коишто се соочуваат лицата со попреченост како и од континуирано подобрување на условите и грижата за најранливите категории граѓани, со цел унапредување на нивните права и достоинство. Во тој контекст упати благодарност до кинеската амбасада за севкупната поддршка во реализацијата на проектот којшто е од исклучителна важност за овој регион.
Претходно, претседателот ја посети Територијалната противпожарна единица Берово каде што се сретна со пожарникарите и со дел од волонтерите коишто учествуваа во справувањето со пожарите што минатата година го зафатија регионот. Претседателот Пендаровски беше информиран за предизвиците со коишто се соочуваат пожарникарите, за опремата со која располагаат, како и за капацитетите и подготвеноста на противпожарната единица ефикасно да одговори при евентуални непогоди во тековниот период.
Претседателот Пендаровски им честиташе на пожарникарите за нивниот професионализам и посветеност, изразувајќи благодарност и до волонтерите коишто покажаа висока општествена одговорност во кризните моменти. Во тој контекст, беше нагласена неопходноста од поголема внимателност на граѓаните, особено во овој период на зголемен ризик од појава на пожари.