ВИДЕО: Нè прскаат со средство против комарци кое е забрането за од воздух

Од:

Во пресрет на сè уште незавршениот тендер за набавка на средство против комарци, „А1он“ истражуваше со какво средство се прска во главниот град.
Во игра повторно е биоцидот Aqua K-Othrine 2.0 EW, средство кое се употребуваше и изминатите години. Иако францускиот производител го регистрирал за користење во затворен простор, а надворешно – за аплицирање само од земја, во главниот град се прска авионски.

Град Скопје е на пола пат да склучи договор за набавка на средство за авионско прскање на возрасни комарци, иако производителот од Франција го има регистрирано за користење само во затворен простор, додека на отворено да се применува само од земја. „А1он“ дознава дека станува збор за скопската компанија „Приматекс Бранка“ која во три наврати од 2018 до 2021 година ги добива тендерите на град Скопје за набавка на биоцидот Aqua K-Othrine.

И на последниот тендер од пред месец и половина, компанијата е избрана како најповолен понудувач на тендерот кој е со проценета вредност од половина милион евра. Од град Скопје ниту ја потврдуваат, ниту ја негираат информацијата за кое средство станува збор, со образложение дека жалбената постапка завршила во неделата, а одлуката дали ќе се склучи договор се уште не е донесена.

Од компанијата „Приматекс Бранка“ ни одговорија дека биоцидот е регистриран според Законот за хемикалии, но не упатија досието за овој производ и начинот на кој го регистрирале да го побараме од Здравство.

„Кога се дава апликација за надворешна употреба, се мисли на надворешна, без разлика како се аплицира средството односно инсектицидот, дали со запрашување од авион или од земја. За третирањето на комарци, клучно е тоа што се третира или запрашува со апаратура која би требало да исфрла околу 20 микронски капки, а небитно е дали таква апаратура ќе има на авион, на камион или на друго возило или летало“, вели директорот Благој Тошевски.

Но, производителот го тврди спротивното. „А1он“ се обрати до француската компанија Bayer Environmental Sicence, која е производител на биоцидот. Од нивното претставништво во Германија одговорија дека:

„Со цел да се избегне какво било недоразбирање, авионската апликација значи примена на Aqua K-Othrine EW од авиони или хеликоптери, додека стандардната употреба на отворено е со монтирани на возило или рачни генератори на аеросоли. Да, точно е, Aqua K-Othrine EW е одобрен за надворешна употреба, на пример во Македонија, но, не за апликација од авиони или хеликоптери, што ја носи ознаката воздушна апликација“, ни одговорија од компанијата.

На Европската асоцијација за хемикалии, може да се најдат и дозволи за начинот на кој овој биоцид смее да се применува. На пример, во Франција, Хрватска и Грција, пишува дека се користи за во затворен простор.

Одговори побаравме од град Скопје кој го спроведува тендерот. Претседателот на Комисијата за јавни набавки при градот, Драги Митковски, ни вети одговори на прашањата следната недела откако ќе се врати од одмор.

Се обративме и до секторот за хемикалии при Министерството за здравство каде компанијата мора да го регистрира производот и тој подоцна да добие согласност за пуштање во оптек од Министерството за здравство. На неажурираната веб страница од 2020 година на Секторот за хемикалии, пишува дека овој биоцид наоѓа општа примена, без никакви детални податоци. Писмено, пак, одговорија дека решението за биоцидот е издадено согласно Законот за хемикалии. Но, од друга страна, наведуваат дека начинот на негова употреба, воопшто не се наведува.

„А1он“ побара и увид во целокупната документација со која компанијата „Приматекс Бранка“ успеала да го регистрира производот. Од Секторот ни ги отворија вратите за увид, но, не оставија без посакуваните одговори. При увидот ги видовме само документите за поднесеното барање од „Приматекс Бранка“ на 9 октомври 2020 година и добиено решението од Министерството на 14 април годинава.

Како дополнителен писмен одговор, пак, добивме образложение дека Министерството формира Комисија составена од членови на различни институции, која врши проценка на стручната документација која содржи доверливи документи. Односно, дека само членовите на Комисијата имаат право на увид на досието. Но, не и јавноста.

Од Центарот за јавно здравје – Скопје велат дека методата за прскање од воздух е забранета во Европа, а се користи во исклучителни ситуации. Нивната иницијатива до Комисијата за заразни болести пред почетокот на пандемијата за намалување на авиодезинсекцијата, велат, не нашла на слух во Владата.

„Авионската дезинсекција е неуспешна во неговото сузбивање, поради неговата биологија и однесување кон животната средина. Препораката ја проследи Комисијата до Влада во јануари 2020 година, со предлог да се ограничи употребата на авиодезинсекцијата, но, веднаш потоа започна пандемијата за еден месец и брзо се донесе одлука брзо да се спроведува дезинсекција“, изјави Николина Соколовска од Центар за јавно здравје – Скопје при одделението за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

Министерството за здравство веќе го доставило целокупното досие за овој биоциден производ до Антикорупциска, која ја испитува набавката на средството за прскање против возрасни комарци.

Би можело да ве интересира

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје

(ВИДЕО) Јовановска: На народот му врие, преку глава му е од овие политички препукувања

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз