Германската Влада подготвува помош во вредност од пет до 10 милијарди евра за Гаспром Германија, национализираната поранешна подружница на рускиот гасен гигант Гаспром, објави денеска Блумберг, повикувајќи се на свои извори.
Помошта би можела да биде одобрена веќе во текот на оваа недела, а државната развојна банка KfW ќе биде во улога на заемодавач, пишува американската агенција.
Разговорите се во тек и плановите сепак би можеле да се променат, додава Блумберг.
Запрашан да го коментира извештајот на Блумберг, портпаролот на Bundesnetzagentur (БНА), германскиот енергетски регулатор, изјави: „Ние не учествуваме во шпекулации“.
– Сите во БНА работат интензивно за да обезбедат Гаспром Германија да продолжи да работи откако агенцијата ја презеде функцијата менаџер на 4 април, додаде портпаролот.
Гаспром се повлече од сопственоста на германската подружница, а владата последователно назначи менаџер кој ќе обезбеди снабдување со гас. БНА треба да управува со компанијата до септември.
Извор: МИА