Хрватска ги исполнува критериумите за конвергенција и Европската комисија заклучи дека е подготвена да стане 20-та членка на еврозоната од 1 јануари 2023 година.
„Честитки за Хрватска! Денеска Хрватска направи значаен чекор кон усвојување на еврото, нашата заедничка валута. Помалку од една деценија по пристапувањето во ЕУ, Хрватска сега е подготвена да се приклучи на еврото на 1 јануари“, рече претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
Таа додаде дека влезот во еврозоната ќе ја направи хрватската економија посилна, ќе донесе придобивки за граѓаните, компаниите и општеството воопшто, а еврото исто така ќе стане посилно со влезот на Хрватска во еврозоната.
Европската централна банка (ЕЦБ) и Европската комисија објавија извештај за конвергенција, оценувајќи го напредокот на земјите-членки во исполнувањето на критериумите за да го прифатат еврото. Извештајот опфаќа седум земји – Бугарија, Чешка, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија и Шведска. Данска има трајно ослободување од обврската за прифаќање на еврото и не е опфатена со извештајот.
ЕЦБ и ЕК подготвуваат комплементарни двегодишни извештаи кои ја формираат основата за одлуката на Советот за тоа дали една земја се квалификува за еврото. Истовремено со објавувањето на Извештајот за конвергенција, Комисијата објави и предлог за Одлука на Советот и предлог за Регулатива за пристапување на Хрватска во еврозоната.
„Во светло на проценката на Комисијата и земајќи ги предвид дополнителните фактори релевантни за економската интеграција и конвергенција, вклучително и развојот на платниот биланс и интеграцијата на стоките, трудот и финансиските пазари, Комисијата смета дека Хрватска е подобна за еврото“, наведе извршното тело на Европската унија.
Извор: МИА