Европската унија предложи делумна забрана за увоз на руска нафта со ограничен увоз од клучниот гасовод, со цел да го почитува приговорот на Унгарија и да постигне договор за санкциите на ЕУ против Русија поради војната во Украина.
Европската комисија испрати ревидиран предлог за санкции до владите на земјите-членки, кој не вклучува испорака на нафта преку гигантскиот нафтовод Дружба, преку кој Унгарија се снабдува со сурова нафта, пренесува порталот Блумберг.
Предлогот предвидува земјите-членки постепено да го укинат увозот на сурова нафта за шест месеци и на нафтени деривати за осум месеци, изјавија европски претставници кои сакаа да останат анонимни.
Овој предлог и дава повеќе време на Унгарија, која се спротивстави на договорот за санкции, да најде техничко решение кое успешно ќе ги задоволи нејзините енергетски потреби.