Интегрално соопштение на Центарот за развој на медиуми
Центарот за развој на медиуми на 12 август 2013 година поднесе, до Министерството за информатичко општество и администрација и до сите политички партии застапени во Собранието на РМ, амандмани на Предлог-Законот за медиуми и на Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Центарот за развој на медиуми ја следеше целата постапка на подготвување на новото медиумско законодавство и амандманите што ги предлагаме се резултат на нашите заложби да се усвои што е можно подобра регулатива која ќе одговори, пред сѐ, на барањето за усогласување на македонското законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.
Исто така, да потсетиме уште еднаш дека самиот процес на подготовка на нацртот се одвиваше во голема тајност, а увид во тоа што содржи нацртот и како изгледаат предложените одредби пред нивното објавување во почетокот на април оваа година имаа само ретки и привилегирани лица.
Поднесовме вкупно 68 амандмани на двата закони – девет на Предлог-законот за медиуми, и 59 на Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Нагласуваме дека остануваме на нашиот добро познат став, што го делиме со другите медиумски и новинарски организации: ЗНМ, МИМ и ССНМ – Законот за медиуми е непотребен, затоа што дел од прашањата што ги регулира можат да се регулираат со интервенции во други, веќе постоечки закони, а дел од прашањата треба да бидат оставени на саморегулација на печатените и онлајн медиумите.
Како што веќе рековме на вчерашната (13 август 2013 година) расправа што ја организираше Министерството за информатичко општество и администрација, а со учество на меѓународните експерти на TAIEX, Советот на Европа и ОБСЕ, поднесувањето на амандманите е наш напор за намалување на штетата.
Сметаме дека предлог-законот, во сегашната форма, носи сериозни закани за слободата на изразување и медиумскиот плурализам во Македонија, и таквата загриженост ја делат, меѓу другите, и експертите на ARTICLE 19.
Што се однесува до предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, сметаме дека предложениот текст далеку ја надминува потребата од усогласување на македонското законодавство со Директивата на ЕУ.
Нашите главни забелешки за тој закон се однесуваат на поставеноста на предложената Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги а пред сѐ, на надлежностите на Директорот, што го поставуваат во страшно моќна позиција, без малку можност за контрола врз неговите одлуки и постапки од страна на Советот на Агенцијата. Регулаторното тело се затвора и ќе работи надвор од очите на јавноста.
Исто така, предложените одредби отвараат простор за недозволена медиумска концентрација.
Амандманите се доставени и до Секретаријатот за европски прашања на Владата на РМ, и до меѓународните организации и институции.
Се надеваме дека предлагачот и партиите застапени во Собранието на РМ ќе ги земат предвид нашите амандмани, особено во светло на реалната загриженост околу можните негативни последици што предложеното ново медиумско законодавство би можело да ги има врз слободата на изразувањето и медиумскиот плурализам во Македонија.