Од денеска до 18 август во Струга ќе се одржува шестиот летен филмски фестивал „Синеманија“, во организација на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, во соработка со Кинотека на Македонија и „Синема кафе“.
На фестивалот ќе бидат прикажани филмови од Столе Попов. Ќе почне со проекција на филмот „Црвениот коњ“, утре ќе биде прикажан „Среќна нова 49“, в петок стружани ќе имаат можност да го погледнат „Тетовирање“, а ден потоа „Џипси Меџик“. Последната фестивалска вечер е резервирана за документарците „Оган“, „Австралија, Австралија“ и „Дае“.
Проекциите ќе почнуваат во 21 часот на отворената Летна сцена на Центарот за култура, а влезот е слободен.