Бајден-Јун: Северна Кореја и економијата во фокусот на првиот самит

Од:

Северна Кореја и економската соработка во Индо-пацифичкиот регион беа главните теми што доминираа на првиот самит меѓу јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јоел и американскиот претседател Џо Бајден.

Американскиот претседател и неговиот нов јужнокорејски колега денеска изјавија дека нивниот повеќедецениски сојуз треба дополнително да се развива, не само за да се соочи со заканите од Северна Кореја, туку и да го зачува Индо-пацифичкиот регион „слободен и отворен“ и да го заштити глобалниот синџири на снабдување, пренесе агенцијата Kјодo.

Претседателите Бајден и Јун по денешната средба изјавија дека ќе ја разгледаат можноста за проширување на воените активности со цел да се спречи нуклеарната закана на Северна Кореја во време кога нема надеж за вистинска дипломатија за ова прашање, а Јун истакна дека нивната заедничка цел е целосна денуклеаризација на Северна Кореја, пренесоа американските медиуми.

Во заедничкото соопштение се наведува дека двете земји се посветени на „меѓународен поредок заснован на правила“ по руската инвазија на Украина.

Бајден кажа дека Алијансата е изградена за да се спротивстави на промената на границите со сила, очигледно алудирајќи на руската инвазија на Украина и на претензиите на Кина кон Тајван.

Промените во меѓународната трговија и синџирите на снабдување им дадоа нов поттик на двете земји да ги продлабочат односите, рече јужнокорејскиот претседател, повикувајќи на соработка во производството на електрични батерии и полупроводници, пренесуваат британските медиуми.

Двајцата лидери вчера ја посетија големата фабрика за полупроводници на Самсунг, каде Бајден рече дека земјите како САД и Јужна Кореја кои „делат исти вредности“ треба повеќе да соработуваат за да ја заштитат економската и националната безбедност.

На самитот се разговараше и за брзото ширење на Ковид-19 во Северна Кореја, потврди висок американски функционер, истакнувајќи дека Јужна Кореја и САД понудиле хуманитарна помош за Пјонгјанг.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија