Турција постави три условa за влез на Финска и на Шведска во НАТО

Од:

Турскиот министер за надворешни работи рече дека Шведска и Финска мора да престанат да ги поддржуваат терористичките групи во нивните земји, да обезбедат јасни безбедносни гаранции и да ја укинат забраната за извоз на Турција, доколку сакаат Турција да го поддржи нивното членство во НАТО. Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин, Мевлут Чавушоглу рече дека се сретнал со колегите од Финска и од Шведска и дека сите тие се обидуваат да одговорат на загриженоста на Турција.

Тој додаде дека Турција никому не му се заканува, ниту има корист од актуелната ситуација, но особено зборуваше за поддршката на Шведска за курдската милитантна организација ПКК, која Турција, Европската унија и САД ја сметаат за терористичка организација.

Финска денеска потврди дека ќе поднесе барање за членство во НАТО, а се очекува и Шведска да го следи примерот, како одговор на руската инвазија на Украина. Сепак, загриженоста на Турција може да биде пречка, бидејќи секоја одлука за влез во НАТО бара едногласно одобрение од сите 30 земји-членки.

„Овде апсолутно мора да има безбедносни гаранции. Тие мора да престанат да ги поддржуваат терористичките организации“, им рече Чавушоглу на турските новинари во Берлин. Шефот на турската дипломатија додаде дека Шведска и Финска мора да ја укинат забраната за извоз на некои производи од нивната одбранбена индустрија во Турција.

„Нашата позиција е совршено отворена и јасна. Ова не е закана, тоа не се преговори во кои се обидуваме да ги наметнеме нашите интереси“, рече тој. „Ова, исто така, не е популизам. Очигледно станува збор за поддршка на две потенцијални земји-членки во тероризмот, и ние ги споделивме нашите јасни забелешки за тоа“, додаде тој.

Чавушоглу повтори дека Турција, која влезе во НАТО пред 70 години, не се противи на политиката на отворени врати. Тој рече дека разговорите со шведските и финските колеги биле добри и дале предлози за да се смират легитимните грижи што Турција ќе ги разгледа.

Шефот на турската дипломатија истакна дека им доставил докази дека терористите живеат во нивните земји. Чавушоглу повторно укажа на непочитувањето на позицијата на Анкара од страна на Шведска, истакнувајќи дека викендов во Стокхолм се одржувале состаноци на ПКК.

Би можело да ве интересира

Песков: Украина не треба да стане членка на НАТО, бидејќи тоа e закана за Русија

(ВИДЕО) Турција уапси 234 лица во рамките на меѓународната операција против нарко-мафијата

Европол: Откриени четири главни мрежи за шверц на дрога во ЕУ и Турција

Турција започнува реставрација на куполата на Аја Софија

А1он

Разрешениот градоначалник на Истанбул: На суд сум затоа што победив на изборите

(ВИДЕО) Снежно невреме во Анкара

Горан Наумовски