Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса прогласи вонредна состојба поради ескалацијата на антивладините протести, а на улиците на Коломбо, главниот град на оваа островска држава, денеска е мирно.
Детали за новите прописи кои ќе бидат во сила за време на вонредната состојба се уште не се објавени, но претходните закони во оваа ситуација му даваа поголеми овластувања на претседателот да распореди војска, да нареди итен притвор и да ги разбие собирите.
– Претседателот ја донесе оваа одлука поради вонредната ситуација во Шри Ланка и во интерес на јавната безбедност, заштитата на јавниот ред и обезбедување снабдување и услуги од витално значење за животот на заедницата, соопшти кабинетот на Раџапакса.
По прогласувањето на вонредната состојба непосредно пред полноќ, нема нови извештаи за немири, а сообраќајот се одвива нормално низ централните улици на Коломбо, кои беа главното собирно место на демонстрантите кои бараа оставка од шефот на државата.
Полицијата вчера употреби солзавец врз десетици демонстранти пред Парламентот, во последните по ред спорадични насилни антивладини протести поради недостигот од увозна храна, гориво и лекови, кои траат повеќе од еден месец.
Шри Ланка е блиску до банкрот, бидејќи објави дека ја прекинува отплатата на странските кредити, а употребливите девизни резерви се помалку од 50 милиони долари.
Властите побараа помош од Меѓународниот монетарен фонд, со чии официјални лица е предвиден состанок в понеделник.
Извор: МИА