Земјите што се спротивставуваат на руската инвазија на Украина мора да ја удвојат поддршката за Киев, вклучително и снабдувањето со тешко оружје, тенкови и авиони, ќе порача денеска британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.
Во извадоците од нејзиното обраќање предвидено за попладнево таа ќе предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин треба да биде спречен да прогласи победа и да ја користи војната како поттик за нов светски безбедносен поредок.
„Ако Путин успее, натамошното страдање низ Европа ќе биде неописливо и ќе има страшни последици ширум светот. Никогаш повеќе нема да се чувствуваме безбедни. Затоа, мора да бидеме подготвени за тежок и долг пат и да ја удвоиме нашата поддршка за Украина“, ќе рече шефицата на британската дипломатија.
„Тешко оружје, тенкови, авиони – да се копа длабоко во нашите резерви, да се зголеми производството. Мора да го направиме сето ова“, стои во нејзиниот говор.
Трас во предвиденото обраќање ќе предложи нов пристап според кој земјите треба да трошат повеќе за одбраната, НАТО треба да гледа на работите поглобално, а истовремено да се намалува економската зависност од земјите агресори.
„Да бидеме искрени. Архитектурата создадена за да гарантира мир и напредок ја изневери Украина. Потребен ни е нов пристап… кој комбинира силна одбрана и економска безбедност…, кој гради посилни глобални сојузи и каде слободните нации се порешителни и посигурни“, ќе рече таа.
Нападот на Русија врз Украина го принуди Западот да го преиспита својот пристап кон заштитата и глобалната стабилност. Досега Велика Британија, Европската унија, САД и другите сојузници испратија оружје до украинските сили за да се борат против руската војска, но не се вклучија во директен конфликт со Москва.
Извор: МИА