Општина Кисела Вода ја усвои инцијативата поднесена од граѓани во рамки на проектот “Стоп за урбаната мафија” со која побараа да престане изградбата на згради, на места каде е предвидена изградба на семејни куќи.
„Ова значи дека од денес, во општина Кисела Вода, со посебен акцент на Пржино и Црниче, каде ова беше најизразено, брoјот на станбени единици во објекти со намена А1-Семејно домување е ограничен на вкупно четири. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, на денешната седница на Советот на општината, образложи зошто е потребно сите советници да застанат зад жителите од овој дел на градот кои се потпишаа на барањето и да гласаат ЗА автентично толкување на 39-те важечки урбанистички планови со кои се бара ограничување на бројот на станбени единици на четири.
Истакна дека општинските стручните служби констатираа дека барањето е основано и дека Општината мора да биде еднаква кон сите свои граѓани. Имено, при разгледување на овие 39 урбанистички планови е констатирано дека во ниту еден од нив, нема јасно дефиниран број на станбени единици со намена А1-семејно домување. Поради ваквата ситуација, на терен се јавува состојба едни граѓани да градат и по 8, 16 или 32 станбени единици со намена А1-семејно домување, додека други само 4 станбени единици. Ваквиот пропуст во урбанистичкото планирање на Општината доведува до злоупотреби од страна на урбаната мафија и наместо куќи за семејно домување, никнуваа стамбени згради со 32 и повеќе станбени единици, со нерешени паркинг места и комунална инфраструктура која не може да го издржи урбаното лудило. Анализата покажа дека вакви објекти најмногу се градени во Црниче и Пржино иако поедини објекти има и во други делови од општината, потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски.
Оттука, ги повика сите советници кои се залагаат за чесна и транспарентна работа, во интерес на граѓаните, а не на урбаната мафија, да ја дадат својат поддршка на овој нов начин на функцинирање на локалната самоуправа која, пред се, ќе обезбеди еднакви услови за сите свои жители. Конкретно, во Кисела Вода да не може да се градат повеќе од 4 станбени едници за намена А1 -куќи за семејно домување.
Предлогот за автентично толкување беше усвоен со 16 гласа ЗА. Воздржано гласаа 7-те советници од СДСМ, кои претходно побараа точката да биде симната од дневен ред“, информираат од Општина Кисела Вода.