Македонија денеска одбележува еден од најтрагичните историски датуми во нејзиното постоење, денот на кој пред 100 години беше потпишан Букурешкиот мировен договор, акт со кој нејзината етно-географска територија е разделена меѓу балканските држави.
Македонските историчари сметаат дека не е можно ревидирање на Букурешкиот договор, бидејќи тоа е меѓународен договор за кој не постојат никави тајни анекси и се однесува само на разграничување на територии помеѓу завојуваните страни.
– Букурешкиот договор е потпишан во 1913 година за разграничување на завојуваните страни во Втората Балканска војна. За жал, во тој момент Македонија не е субјект, туку е само дел од Османската Империја и не е потписник на документот. Евентуална ревизија на договорот може да вршат само земјите потписнички, смета проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.
Тој вели дека Македонија се уште ги живее и ги доживува секојдневно последиците од Букурешкиот договор.
– Она што ни се случува на политички план во сите сфери е последица токму на она што се случи во 1912 и 1913 година. Поучени од она што е реалност дека Србија го загуби својот дел од пленот од Балканските војни нашите соседи од југ и од исток поставуваат разни услови и прашања со кои сакаат да ги попречат сите наши настојувања за целосно интегрирање во меѓународните институции, плашејќи се дека со отворањето на границите ќе дојде до културно и духовно обединување на македонскиот народ, нагласува Ѓорѓиев.
Со тоа, додава, сакаат да не претстават пред меѓународната јавност дека сме загрозувачки фактор за нивната стбилност и територијален интегритет.
Неговото мислење го споделува и проф. д-р Михајло Миноски кој вели дека во историјата нема случајности и оти се е поврзано.
– За Букурешкиот договор имаше битно влијание факторот европски големи сили кои застанаа зад тогашните балкански држави и му дадоа легитимитет. Тој став понатаму се потврди и на Версајската мировна конференција од 1919 година со мала ревизија и мали територијални проемни кои уште еднаш ја потврдија извршената поделба на Македонија иако имаше редица барања од Македонци и македонски организации и друштва за решавање на македонското прашање. Позициите, политиката и интересите на европските големи сили беа такви што Македонија секогаш служеше како монета за поткусурување за воспоставување поредок на Балканот преку кој тие ќе ги обезбедат сопствените регионални интереси, вели Миноски.
Она што денеска го имаме како проблем со името и интеграциите, нагласува, е резултат на Букурешкиот мировен договор, а и малку пред тоа, почнувајќи од Берлинскиот договор преку Букурешкиот договор, па стигнувајќи сега до политиката на Брисел.
За академик Блаже Ристовски Букурешкиот договор и по 100 години нема ново влијание за Македонија.
– Букурешкиот договор е свршен факт. Состојбите се исти и по 100 години, но и ставовите на одредени сили, за жал, остануваат исти. Букурешкиот мировен договор е акт што е судбоносен не само за Македонија, туку и за поширокиот регион на Балканот. Секако овој договор најмногу ја засега Македонија која со него првпат беше поделена како територија и народ. Со него е определена судбината на Македонија која денеска се најде во позиција да и се негира и вековното име. Дојдовме до тоа дереџе дури да се дискутира и за нашиот идентитет, истакнува Ристовски.
Според него, треба да се знае дека Букурешкиот договор е еден комплот (заговор) против постоењето на тогашната Македонија како самостојна држава иако, како што рече, во тоа време сите се надевале дека Македонија ќе добие независност пред Албанија што не се случило благодарение на некои големи сили.
– Македонија во тоа време во своите етно-географски граници не беше помала од Грција и од Србија. Грција успеа благодарејќи на односот на Србија да присвои над 50 проценти и сега токму таа се појавува како земја што го одрекува нашето постоење како Македонија и Македонци со свој идентитет и ги имаме проблемите кои ги знае целиот свет, посочува академик Ристовски.