Американскиот помошник заменик државен секретар Филип Рикер изјави дека САД остануваат на пораката до Македонија и до Грција, дека се надеваат дека спорот за името ќе се надмине и дека разговорите ќе продолжат на крајот на летото или почетокот на есента, јави дописникот на МИА.
Прашан за тоа како ја оценува посветеноста на Грција кон интеграциите на целиот регион, во пресрет на нејзиното претседавање со Европскиот Совет, Рикер оцени дека првата половина на 2014 година навистина ќе даде можност за Грција да одигра конструктивна улога и да се реализираат заложбите од Солунската агенда.
– Грчкото претседавање со Советот на Европската Унија ќе биде можност Грција да одигра конструктивна улога. Ако се навратиме на Солунската агенда, која беше промовирана од Грција, со неа се постави позитивна насока за поширок балкански регион, и тоа добро се поклопува со нашата цел, сите земји од западниот балкан да се приклучат на соседите кои се во евроатланското семејство, во НАТО и во Европската Унија, изјави Рикер на средбата со новинарите во прес-центарот на Стејт департментот во Њујорк. Изјавата следува по вчерашната средба на грчкиот премиер Андонис Самарас со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, на која Обама ја истакна потребата од надминување на насобраните нерешени прашања во регионот околу Грција.
Конкретно за спорот меѓу Македонија и Грција, Рикер изјави дека американскиот став останува ист, и дека решение на спорот ќе биде во интерес и на Грција, во тешката ситуација во која се наоѓа сега. Рикер прецизираше дека се надева оти на крајот на летото и почетокот на пролетта, лидерите на Македонија и на Грција ќе продолжат и изнајдат пат напред.
– Ги охрабруваме сите во регионот да работат заедно конструктивно, да градат доверба меѓу себе, и секако, тоа е важно и во односот меѓу Македонија и Грција. Географијата е таква што Грција има вистински интерес да има стабилност во регионот, стабилност и кон север и кон сите соседи. Ова е реална желба, додека Грција се соочува со нејзините огромни економски предизвици кои беа во фокусот во разговорите во Вашингтон, во исто време да има и стабилно и успешно соседство. Ништо не може да го наруши економскиот напредок и перформанс како нестабилност во соседството, изјави Рикер.
Американскиот дипломат рече дека САД го продолжуваат процесот во Обединетите нации, што ќе доведе до посилни врски и стабилност во регионот.