После шест години прекин во авиособраќајот за в недела е планиран првиот комерцијален лет од аеродромот во главниот град на Јемен.
Планирано е на 24 април да се реализира првиот комерцијален лет на државниот авиопревозник „Јемен Ервејс“ со повратен лет на редовна линија од Сана до јорданската престолнина Аман.
Аеродромот во Сана од август 2016 година е затворен за комерцијални летови, а контрола врз аеродромот има Сојузот предводен од Саудиска Арабија што е во судир со Хутите.
Во Јемен од крајот на 2014 година се води оружен конфликт меѓу владините сили поддржани од Саудиска Арабија и Хути бунтовниците поддржани од Иран.
Специјалниот пратеник на ОН за Јемен, Ханс Грундберг, изрази задоволство од најавуваниот и долгоочекуван чекор.
„Го поздравувам објавувањето на првиот лет од аеродромот во Сана по шест години…Честитки до сите Јеменци за овој толку потребен и долгоочекуван чекор. Ќе продолжам да работам со страните за да се осигурам дека се одржуваат сите елементи од примирјето и да се надоврзам на неговиот моментум кон одржливо политичко решение на конфликтот“, објави Грундберг преку својот „твитер“ налог.
Условите за првиот комерцијален лет се создадени благодарение на двомесечното примирје во земјата договорено од завојуваните страни во конфликтот, што стапи на сила на почетокот на овој месец истовремено со светиот муслимански месец Рамазан.
Примирјето предвидува прекин на сите воени операции во Јемен и надвор од земјата, со дозвола за влез на бродови со гориво во пристаништето Ходеида во западен Јемен и договорени два комерцијални лета седмично од Сана до Јордан и Египет.
Извор: МИА