Отворањето на изложбатa на Давор Кешќец под наслов „Once Again“ ќе се одржи на 20 април, во 20 часот, во двата галериски простори (Империјал I и II) на Културно информативниот центар – Скопје.
Изложбата „Once again“ на младиот уметник Давор Кешќец е изложба на која ќе бидат изложени слики, графики, мурали, инсталации, како дел од неговото мултимедијално творештво, со преку 50-тина селектирани дела од досегашните негови изложби: Again, SHE, I S O L A T I O N, Blue Moon, Table. Како што вели и самиот наслов „Once again“ е изложба на ќе бидат изложени дела кои веќе биле претставени во други изложбени контексти, но покрај досега изложените дела ќе се претстави и со нови дела од серијалот Half a person. Поставени во нов контекст, овие дела, работени низ дивергентни медиуми, се репрезент на свежиот, чист и стилски уникатен поп арт пристап на Кешќец.
Со оваа поставка на младиот и перспектувен уметник Давор Кешќец ја започнуваме серијата изложби која со нова енергија, ентузијазам, свежи идеи и јасна визија, ја најавува новата ера во работењето на Културно информативниот центар – Скопје. И сето ова под логото на големиот јубилеј на установата – 55 години Културно информативен центар – Скопје!
Давор Кешќец e роден 1997 година во Скопје. Средно образование завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ Скопје, оддел графика (2011-2015), а дипломира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, оддел графика (2015-2020). Член е на ДЛУМ од 2020. Добитник е на наградата „Young Art“ категорија сликарство од 21-29 години, Скопје, 2019. Се бави со сликарство, графика, инсталации, црта мурали.