Американскиот Стејт департмент предупредува дека списокот на лицата во Албанија, кои до сега, се прогласени за непожелни од САД, ќе биде дополнет со други имиња, пренесува АБЦ њуз.
-Стејт департментот соопшти дека санкциите против поранешни или актуелни функционери во Албанија ќе продолжат, но, оти за одлуките тие може и приватно да се известуваат. Тоа значи дека може да има политичари, функционери и други личности за кои јавноста не е или нема да биде запознаена со оваа одлука против нив, наведува телевизијата.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент за Европа и Евроазија, Рајан Волш, дообјаснил дека Стејт департментот ќе продолжи да ги користи овие овластувања и сите достапни алатки за борба против корупцијата на глобално ниво.
-Во зависност од конкретните околности, некои дознаки се објавуваат јавно, додека други се приватни. Неподобноста важи и за членовите на блиското семејство, а законот, исто така, бара од државниот секретар да одлучи дали имињата на овие функционери и членовите на нивното потесно семејство, ќе ги соопшти јавно или приватно. Дознаките не се временски ограничени, изјавил тој за телевизијата.
Пред два дена американскиот Стејт департмент ги стави на црна листа медиумскиот магнат Или Ндроќи, како и Аќиф Ракипи, поранешен пратеник на Партијата за правда, интеграција и единство, ПДИУ (партија на Чамите).
Во мај минатата година за персона нон грата го прогласи поранешниот претседател, експремиер и екслидер на албанските
демократи, Сали Бериша, неговата сопруга, син и ќерка, поради вмешаност во корупција. До сега непожелни за САД се и Том Доши, лидер на Социјалдемократската партија и познат бизнисмен, како и поранешниот главен државен јавен обвинител Адриатик Лала и нивните семејства.
Извор: МИА