Официјална делегација од Грција, предводена од заменикот министер за надворешни работи за економска дипломатија, Костас Франгогианис, вториот ден од престојот во Косово се сретна денеска со шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала, со која разговарале за јакнење на соработката меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението од кабинетот на Грвала, на средбата станало збор за можностите за „продлабочување на соработката во сите сфери од интерес за народите на двете земји, посебно во економијата, трговијата, образованието, културата и туризмот“.
Грвала, се вели во соопштението, „ги повтори мерките кои ги презеде Косово за да ја казни руската агресија во Украина, како и неговото постројување покрај Западот“ во однос на украинската војна.
Таа рекла дека Европската унија треба јасно да се позиционира во однос на „постојаната поддршка од Србија“ за Русија.
-Говорејќи за ризиците кои може да ги има регионот од руската воена агресија врз Украина, министерката Грвала нагласи дека „постојаната поддршка од Србија за нејзиниот сојузник, Русија, и во овој случај бара јасна порака и позиционирање од ЕУ“, се вели во соопштението.
Грвала му се заблагодарила на гостинот од Грција за пречекот на Економскиот форум во Делфи минатата недела, оценувајќи го како „мошне срдечен и мошне корисен за регионот воопшто, и за Република Косово посебно“.
Косовското МНР информира дека на крајот на средбата во кабинетот на Грвала, нејзиниот заменик, Крешник Ахмети и неговиот грчки колега, Франгогианис потпишале документ за формализирање на соработката во различни области меѓу двете земји, но не се наведува кои се тие области.
Извор: МИА