Ајро и Бубевски: Сите наводи во кривичната пријава од Државното правобранителство за предметот „Труст“ ги отфрламе како невистинити

Од:

Сите наводи во кривичната пријава поднесена од Државното правобранителство, а која се однесува на постапката за конфискација на имотот во предметот „Труст“ целосно ги отфрламе како невистинити, велат обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски.

„Во предметот „Труст“, во кој постапувавме како надлежни јавни обвинители, ги презедовме сите мерки и активности во наша надлежност. Задача на обвинителството е да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација. Согласно член 202 став 11 и член 541 став 5 од Законот за кривична постапка, сите дејствија врз имотот и предметите што се предмет на обезбедување, а кои се преземени по поднесувањето на барањето за привремена мерка, како што е во овој случај, се ништовни. Постапката за заштита на имотните интереси на државата надвор од кривичниот прогон е во надлежност на Државното правобранителство.

Укажуваме дека во стечајната постапка поведена меѓу првостепената и второстепената пресуда во предметот, согласно член 89 од Законот за стечај, „секој доверител може да оспори побарување на друг доверител доколку поднесе посебен приговор“, согласно условите наведени во законот. Во конкретната стечајната постапка доверител е државата, а нејзин застапник за имотните интереси е Државното правобранителство. Јавното обвинителство по ниту еден основ не се појавува како доверител во стечајната постапка, ниту е известено за нејзиниот исход. Тоа впрочем е истакнато и во решението на стечајниот судија, кој во текот на постапката му предочил на државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација со правосилна пресуда. Но и покрај укажувањето, државниот правобранител не ги заштитил имотните интереси на државата. На крајот на судската постапка во предметот „Труст“ обвинителството, согласно своите надлежности, побара конфискација на имотот и по правосилноста на пресудата тој имот е запишан на име на Република Северна Македонија. Имотот што е предмет на конфискација постои и неговото впаричување не е оневозможено.

Како јавни обвинители, уверени сме дека проверката на наводите во кривичната пријава од Државното правобранителство ќе резултира со утврдување на релевантни факти од кои ќе се утврди нашето постапување согласно закон. Исто така, уверени сме дека со целосно расчистување на овој случај, јавноста ќе добие увид во вистинските причини и мотиви за нападот врз нас како јавни обвинители кои постапуваа по предметот. Посочуваме дека институциите треба да соработуваат и да работат во интерес на граѓаните и на државата, а не со неосновани напади да го затскриваат сопственото непостапување.

Во досегашното наше работење одлучно се залагаме за транспарентност во постапувањето и за отворена директна комуникација со медиумите. Затоа, изразуваме разочарување за одлуката на уредувачкиот тим на емисијата „КОД“, емитувана на 10.04.2022 (недела), еднострано да го презентира комплексниот предмет поврзан со конфискацијата во „Труст“, без притоа воопшто да ни даде можност нам, како надлежни јавни обвинители за случајот, да ги изложиме нашите аргументи. Со тоа, јавноста нецелосно е информирана, а основа за емисијата е кривичната пријава доставена на 08.04.2022 (петок) и по која во времето на емитување на емисијата сѐ уште не бил отворен предмет во Јавното обвинителство. Во емисијата прекршен е принципот на пресумпција на невиност, а изнесените еднострани наводи и констатации се шпекулации.

Истакнуваме дека нашето постапување е законито и очекуваме дека во постапката ќе се утврдат битните факти и околности за донесување соодветна одлука, а особено дали со поднесената кривична пријава се врши кривично дело лажно пријавување. Остануваме отворени и транспарентни за медиумите за да може јавноста да ги добие точните информации“, се наведува во нивното заедничко соопштение.

Би можело да ве интересира

Бубевски: Материјалните докази соодветствуваат со исказите на осомничените за убиството на Вања и Панче

Горан Наумовски

Работната група од 2020 година правела нов Кривичен законик, не ги пишувала измените за поблаги казни за функционери

Антикорупциска: Како знае ОЈО дека Иницијативата е беспредметна кога уште не е доставена

Катерина Ѓуровски

Обвинителството и се налути на Антикорупциска заради „Труст“: Иницијативата е беспредметна и непотребна

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Бубевски за нерасчистените убиства во Скопје, „Луна паркот“ без дозвола, разговорот со родителите на убиениот Тот

Кристијан Ландов

Врховен му ја потврди 4,8-годишната казна на Сеад Кочан за „Труст“

Кристијан Ландов