Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да преговара за повлекување од влезот на Украина во НАТО доколку Русија се согласи на прекин на огнот, повлекување на руските сили и безбедносни гаранции во Украина.
„Тоа е компромис за сите. За Западот, кој не знае што да прави со нас во однос на членството во НАТО, за Украина, која бара безбедносни гаранции и за Русија, која не сака понатамошно проширување на НАТО“, рече Зеленски.
Тој го повтори своето барање за директен разговор со рускиот претседател Путин.
„Без разговор со Путин, невозможно е да се знае дали Русија воопшто сака да стави крај на војната“, рече Зеленски.
Но, тој претходно рече дека секоја голема промена, која ќе биде воведена во украинскиот закон, ќе треба да биде потврдена на референдум.
Зеленски додаде дека Киев е подготвен да разговара за статусот на Крим и источниот регион Донбас, кој е под контрола на проруските сепаратисти, но само по прекинот на огнот и чекорите што водат кон обезбедување безбедносни гаранции за Украина.