УНЕСКО ќе обезбеди 125 шлемови и панцири со натпис „Прес“, за да може најголемиот можен број новинари во Украина да ја имаат таа опрема, соопшти организацијата со седиште во Париз.
Тоа е дел од итните мерки за заштита на новинарите кои известуваат за конфликтот во таа земја. Од почетокот на војната во Украина се убиени пет новинари, од кои тројца Украинци, еден француско-ирски новинар и еден Американец.
– Секој ден новинарите и медиумските работници ги ризикуваат своите животи во Украина за да го информираат локалното население и целиот свет за реалноста на оваа војна, изјави генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле.
Според неа, илјадници новинари работат на терен во Украина, често без потребната заштитна опрема или обука. Ова е особено случај за украинските новинари кои покриваат локални настани и одеднаш станаа воени известувачи без претходна подготовка за ризиците на кои се изложени.
Извор: МИА