Гостиварскиот обвинител Арсим Адеми кој не е избран да биде дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, повеќе нема да конкурира за оваа позиција, вели тој за „А1он“. Не е разочаран што ќе остане во Гостивар, а не знаеше ниту кои се причините поради кои доби само три гласа, недоволни за негово унапредување. Иако имаше шпекулации дека Адеми ќе биде избран во тимот на Русковска, сѐ се промени откако јавноста бурно реагираше дека тој не може да гони организиран криминал. Заклучокот беше донесен поради тоа што Адеми склучи спогодба со Зоран Милевски-Кичеец за да биде казнет со само шест месеци затвор, по сообраќајката на Стража каде едно лице го загуби животот.
„Советот можете да го прашате зошто не сум избран, а не мене. Зошто да сум разочаран? Не сум разочаран, јас сум јавен обвинител и постапувам. Нема причина зошто да бидам разочаран. Советот одлучува кој ќе биде, тие оценуваат. Нашето е да конкурираме и потоа другите ценат“, вели Адеми за „А1он“.
Прашан дали влијание на одлуката имала спогодбата со Кичеец, тој смета дека тоа е само пропаганда. Покрај ваквото тврдење, не го интересира кој ја води.
„Не верувам дека влијаел тој случај. Тоа е се законски. Јас сум имал согласност за тоа. Сите надлежни обвинители, повисоки, знаат за тоа. Судот да не беше законски, немаше да ја прифати спогодбата. Тоа за мене е само пропаганда и ништо друго“, вели Адеми. – дали влијаела…
За коментарите од јавноста за него, каде ја осудуваат склучената спогодба со Кичеец, обвинителот вели: „На вас новинарите тоа ви е работа, а мојата работа е поинаква. Јас ценам дека се било законски и тоа е тоа. Секој својата работа треба да ја врши професионално. Вие ваши работи, јас мои и тоа е тоа“
Адеми за предметите кои ги отвори Антикорупциската комисија вели членовите да си проверат сѐ што сакаат.
„Нека истражуваат, се е професионално, немам коментар за нив ништо. Тоа што ми изрекле казна не е за корупција туку бидејќи не сум доставил податоци за друг предмет. Јас трипати им одговорив, па викаат јас не сум доставил докази. Бидејќи тие бараат докази, а тие не се надлежни да бараат докази од Обвинителството“, вели Адеми кој потенцира дека не е известен за новиот предмет отворен поради спогодбата со Кичеец.