Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека по одлуката на Европскиот совет за санкции против Русија, во која е вклучена и руската нафтена компанија Гаспромњефт, Србија ќе се најде во многу комплицирана ситуација доколку не биде изземена, јави допсиникот на МИА од Белград.
Вучиќ во Нови Сад на прашањето на новинарите дали е пристигната одлуката на Европскиот совет за прашањето на Гаспромњефт и што би значело тоа за Србија и колку ќе влијае, кажа дека е информиран за одлуката на Европскиот совет.
-Шефовите на влади на ЕУ ја донесоа таа одлука, која е чудна за нас. Од синоќа разговараме и со Европејците и нашите американски партнери, а утрово и со руските партнери и не сакам да изнесуваме политички ставови се додека не ја анализирам одлуката, изјави Вучиќ.
Тој наведе дека суштината е во тоа што Европејците си оставиле можност на своја територија да работат со Гаспромњефт, да увезуваат и извезуваат од Русија, но дека трети земји во кои компаниите или рафинериите се во сопственост на Русија не можат да увезуваат или извезуваат нафта.
-Односно, тие не ги казнија Русите, не се казнија себеси, тие нас не казнија нас, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека не сака да зборува за сите реперкусии, туку дека се работи на решавање на тој проблем.
-Се мачевме цела ноќ, гледајќи како да ги решиме тие проблеми. Утрово разговаравме со Русите, тука имаме три опции и доколку Србија не биде изземена од тие одлуки во рок од 48 часа, ќе ве информирам за тоа, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека во секој случај ситуацијата е многу комплицирана за Србија и порача дека граѓаните не треба да се грижат и дека ќе се реши.
Извор: МИА