Креаторот на групата „Јавна соба“, Дарко Костовски, доби четири години затвор, а на администраторот Михаил Паневски му се досудени исто така четири години затвор, од судијката Билјана Коцевска. Казните ги добија бидејќи обвинителот Владо Милошевски тврдеше дека тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете. Двајцата се гонат за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија. 102.000 записи од фотографии и видеа биле најдени во телефонот на основачот на групта, а над 14.000 фотографии и видеа кај модераторот, кажа судијката.
„Обвинетите се огласуваат за виновни бидејќи првообвинетиот ја основал групата Јавна соба на Телеграм, а второобвинетиот како модератор иако морале да внимаваат што се прикачува во групата, дозволиле да се направи достапно видео со порнографски елементи со дете.
Судијката објасни што е утврдено во предметот, односно дека имало обид да се избрише групата Јавна соба од страна на нејзиниот креатор.
„Тие морале да внимаваат за содржините во групата, но дозволиле да биде достапна содржината од член на групата. Од сведокот и вештачењето тоа се докажа. Судот утврди дека имало чет група со име Јавна соба во која биле објавувани порнографски материјали и материјали од детска порнографија. Дарко Костовски сам отишол во МВР и кажал дека пред да биде креирана Јавна соба, имало група Бадијалџии. Со оглед дека имало фотографии со сексуална содржина, таа била блокирана од Вибер. Со оглед дека Бадијалџии била блокирана, била формирана нова група под име Бадијалџии на Јавна соба која била избришана. Па од Дарко Костовски била формирана нова група Јавна соба кој го испратил линкот за зачленување во Бадијалџии. За кратко време основачот на групата забележал дека има фотографии со сексуална содржина. Ги бришел, но бидејќи имало се повеќе членови, не успеал да ги избршие сите. Па поради тоа членовите барале да бидат модератори, па така назначил ботови за да бришат содржини. Но и по ова, бројката на експлицитни содржини не се намалувала туку се зголемувала. Дарко Костовски се обидел да избрише се од групата, но откако не успеал, ја контактирал и техничката служба на Телеграм“, објасни судијката Коцевска.
Второобвинетиот, а сега неправосилно осуден, сам побарал да биде модератор на групата „Јавна соба“. Тој ги убедувал членовите дека групата може да функционира и дека никој ништо не им може.
„Михаил Паневски доставил е-маил порака во која вели дека бил само член на јавна соба, а како што се зголемувале членовите во групата, се ставале 18+ содржини, побарал да добие функција во групата, а потоа добил модераторска улога заедно со лице под псевдоним „Брзотрчковски Петко“. Дека Михаил Пановски бил администратор, се утврди и од естрахираните материјали од неговиот телефон“, додаде судијката.
Инаку, креаторот на групата е на возраст од 33 години, семеен човек со двегодишно болно дете. Администраторот е скопјанец кој требало да стане полицаец. И двајцата се во притвор поради можност да избегаат.
Девојки кои биле жртви на таканаречената „Јавна соба“ на Телеграм во 2020 година, за „А1он“ со прикриен идентитет сведочеа успеале да го најдат телефонскиот број на еден од администраторите на групата и го молеле да ја избрише, бидејќи нивни фотографии вклучително со телефонските броеви, биле споделувани со илјадници членови.
Откако згасна оваа група, други лица основаа друга група со истото име кое функционираше долго време. И во неа се споделуваа броеви од жени и девојки, но и нивни разголени фотографии.