Српската влада денес го забрани извозот на пченица, пченично брашно, пченка и житарки и сончогледово масло, ги утврди максималните малопродажни цени на горивата, го забрани полнењето гориво надвор од резервоарот на возилото и ги намали акцизите за оловниот бензин, безоловен бензин и гасното гориво за 20 отсто, јави дописникот на МИА од Белград.
-На седницата на Владата беше донесена одлука за привремена забрана за извоз на основните земјоделски прехранбени производи значајни за населението – пченични зрна, пченично брашно, пченка и сончогледово масло, со цел навремено да се одговори на нарушувањата на пазарот и зголемената побарувачка, се наведува во соопштението на српската влада, која усвои и Уредбата за ограничување на цените на нафтените деривати, која се однесува на еуродизел и евро премиум БМБ 95, а ќе важи во наредните 30 дена, од 11 април со 11 март.
-Одлуката е донесена со цел да се спречат поголеми нарушувања и да се зачува животниот стандард на населението, имајќи предвид дека во претходниот период имаше поскапување на нафтените деривати. Со уредбата се утврдува максималната малопродажна цена и се обврзуваат стопанските субјекти кои вршат промет на моторни и други горива на станиците за снабдување возила, а кои доставувале деривати пред донесувањето на уредбата, да продолжат со испорака исклучиво со точење во погонските резервоари на превозните средства, соопштија од Владата на Србија.
Исто така, предвидени се условите и начинот на продажба на нафтените деривати на регистрирани земјоделски стопанства.
Членовите на Владата одлучија привремено да ги намалат акцизите за 20 отсто од сегашната сума на нафтените деривати – оловниот бензин, безоловен бензин и за гасното гориво.
На денешната седница беше донесена изменета одлука за условите и начинот за намалување на царините на одредени стоки, односно за ослободување на одредени стоки за плаќање царина во 2022 година.
Извор: МИА