Во Словенија продолжува трендот на благ пораст на новозаразени со коронавирусот, откако во последните 24 часа имало речиси 500 повеќе случаи отколку пред една недела, но општата епидемиолошка состојба е поволна.
Од 1.865 ПЦР и 11.943 брзи антигенски тестови, откриени се 2.305 нови инфекции, што е за 123 случаи повеќе од претходниот ден и 482 повеќе од пред седум дена, а шест пациенти починале, соопшти денеска Владата во Љубљана.
Седумдневниот просек на потврдени случаи моментално е 1.857, што е за 66 повеќе од претходниот ден, додека 14-дневната инциденца е благо намалена и сега изнесува 1.168 заразени на 100.000 жители.
Се смета дека благиот пораст на новозаболени во последните неколку дена се должи на опуштеноста на луѓето откако Владата укина поголем дел од мерките, освен основните, но генерално епидемиолошката состојба се оценува како многу поволна.
Извор: МИА