Руските авиокомпании ги прекинаа летовите до земјите од поранешна Југославија бидејќи поголемиот дел од Европа, вклучително и Хрватска, Словенија и Северна Македонија, ги забранија летовите за авиони во сопственост на Русија, регистрирани или контролирани од Русија, јави допсиникот на МИА од Белград.
Како што пишува белградска Нова Економија, повикувајќи се на Екс-ју авијација суспендирањето на летовите ќе влијае на услугите на Аерофлот кон Белград, Загреб и Љубљана, како и на услугите на Нордвинд ерлајнс кон Белград, Загреб и Скопје.
Руската национална авиокомпанија вчера ги изврши своите последни летови до Загреб и Белград, при што повратниот лет од Белград одел преку Грција, Турција и Казахстан за да се избегне поголемиот дел од европскиот воздушен простор.
Летот од Белград до Москва траеше над пет часа, наместо вообичаените два и пол часа.
Ер Србија е една од ретките авиокомпании во Европа на која и е дозволено да лета во рускиот воздушен простор. Ова е резултат на реципрочните мерки на руските власти, откако повеќето европски земји воведоа забрана за летање на руски авиони.
Ер Србија, која има осум неделни летови меѓу Белград и Москва, до четврток ги распродаде летовите на таа линија.
Затоа, во одредени денови српската авиокомпанија ќе лета со Ербас А330-200, за да понуди повеќе седишта.
Пред Ер Србија да воведе дополнителни капацитети, летовите од Москва до Белград беа распродадени до саботата, со исклучок на летот во среда, каде што останаа неколку слободни места.
Извор: МИА