Големата награда на Индија, следната година нема да биде на календарот на Формула 1, но постои можност за враќање една година подоцна, потврди Берни Еклстон.
Трката, годинава, ќе се вози на 27-ми октомври, а првиот човек на Формула 1 сака таа во иднина да се одржува на почетокот на сезоната, поточно во март.
„Кога потпишавме петгодишен договор со промотерската агенција Jaypee, сакавме ГН на Индија да се одржува во првата половина од сезоната. Jaypee инсистираше на октомври и тогаш попуштивме, но се чини дека трката во 2015 година ќе биде во пораниот дел од сезоната. Следната година нема да ја има затоа што е невозможно да се одржат две трки во помалку од шест месеци”, вели Еклстон, кој во септември ќе го претстави календарот за следната сезона.