Високи црковни лица во словенечката Католичка црква се повлекоа од функции поради финансиски проблеми во една од епархиите во државата.
Апостолскиот нунциј Јулиуш Јануш соопшти дека папата Франциско ги прифатил оставките на архиепископот на Љубљана, Антон Стрес и архиепископот на Марибор, Марјан Турншек. На нивно место ќе бидат назначени привремени администратотри.
Скандалот со лошото управување со црковните финансии во Марибор датира од 2011 година кога медиумите објавија дека епархијата загубила 800 милиони евра од лоши инвестиции. Претходниот епископ на Марибор, Франц Крамбергер поднесе оставка заради тој случај. Стрес и Турншек во тоа време биле вмешани во финансиски операции на епархијата иако тврдат дека немаат најголема одгворност за загубите.
Ватикан потврди дека папата ги прифатил оставките, но не даде коментар за случајот.