Пендаровски на вонреден виртуелен Самит на НАТО за руската инвазија над Украина

Од:

Претседателот Стево Пендаровски попладнево учествуваше на вонредниот виртуелен Самит на НАТО, на ниво на шефови на држави и влади, на којшто се разговараше за безбедносната ситуација во и околу Украина.

Во своето обраќање на состанокот, претседателот Пендаровски потенцираше дека во овој критичен момент за меѓународниот правен поредок, за мирот и за безбедноста на Европа, потребно е Алијансата да го покаже своето единство и да настапи со здружени напори и дејствија.

Претседателот Пендаровски ја повтори државната позиција дека Северна Македонија го осудува рускиот напад врз Украина, оценувајќи дека истиот е неоправдан и неиспровоциран.

„Северна Македонија најостро го осудува руското признавање на украинските региони Доњецк и Луганск, како независни територии. Се придружуваме на повиците Русија веднаш да прекине со својата воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина“, рече претседателот Пендаровски потсетувајќи дека Русија мора да ги почитува меѓународните норми и да постапува во согласност со основите на меѓународна безбедносна архитектура, на која се обврзала.

Како одговор на руските воени дејствија во Украина, претседателот информираше дека Северна Македонија се приклучува кон пакетот рестриктивни мерки на Европската Унија против Русија.

Претседателот истакна дека Северна Македонија целосно ги поддржува напорите на НАТО за брз одговор и распоредување на војници за зајакнување на безбедноста на територијата на сојузниците на источното крило на Алијансата и подвлече дека го даваме нашиот придонес во овие напори, во согласност со нашите капацитети.

„Го поддржуваме народот на Украина и нејзините демократски избрани институции. Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените. Ова е прашање на нашата колективна безбедност и прашање на европскиот мир, со цел да се одржи меѓународниот поредок. Мора да бидеме обединети и да ги надминеме тешкотиите со кои се соочуваме, бидејќи иднината на нашата Алијанса и на сите наши граѓани е доведена во прашање“, потенцираше претседателот Пендаровски.

Би можело да ве интересира

Платеници од Германија и Велика Британија се убиени во Запорожје

Бабиш: Чешка нема да ја исполни целта за одбранбени трошоци на НАТО

САД упатија нови критики кон своите сојузници во НАТО

Зеленски: Се подготвуват масовни руски воздушни напади врз Украина

Издадено е предупредување за „реален ризик од нуклеарна несреќа“ во Запорожје

Горан Наумовски

Миршајмер: Колку подолго Киев го одложува мирот, толку полоша ќе биде положбата на Украина

Горан Наумовски