По инструкциите од шефот на грчката дипломатија, генералниот секретар од Министерството за надворешни работи на Грција доставил демарш до амбасадор на Русија во Атина за рускиот напад врз Украина, соопшти министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас потсети дека ова е втор демарш во рок од неколку часа и објасни дека на рускиот амбасадор му било потенцирано дека Грција го осудува нападот врз Украина и ја повикале руската страна „веднаш да ги прекине воените дејствија кои ги ставаат во опасност цивилите, меѓу кои и грчки иселеници“.
-Сакам да нагласам дека заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на сите држави е свето евангелие и камен- темелник на грчката надворешна политика. Овие принципи мора да ги почитуваат сите земји, рече шефот на грчката дипломатија.
Додаде дека ќе разговара и со американскиот амбасадор, а вечерва и утре наутро ќе оствари одделни средби со амбасадорите на Украина, Полска, Естонија, Летонија, Литванија, Франција и Велика Британија.
Шефот на грчката дипломатија денеска свика состанок на специјалната единица за управување со кризи во Министерството за надворешни работи, а целта, како што изјави Дендиас, била да се разгледаат мерките што треба да се преземат за заштита на грчките граѓани во Украина, а веќе е подготвен план за нивна евакуација.
Извор: МИА