Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека е време Западот да примени барем дел од санкциите што ги подготви против Русија.
– Русија треба веднаш да се запре. Гледаме како се одвиваат случувањата, истакна Кулеба.
Претходно денеска белорускиот министер за одбрана Виктор Хренин изјави дека Минск и Москва одлучиле да продолжат со заедничките воени вежби поради воените активности во близина на надворешните граници на Русија и Белорусија и влошувањето на ситуацијата во Донбас.
– Време е да се дејствува. Официјално велам дека постојат сите основи за да се применат барем дел од санкциите што се подготвени против Русија, изјави Кулеба во обраќањето на Безбедносната конференција во Минхен.
Извор: МИА