Словенечките епидемиолози и предложија на Владата да ги олесни мерките и да почне со подготовки за „нова нормалност“ во епидемијата чиј петти бран стивнува, бидејќи доминантната варијанта омикрон не резултира со зголемување на пациентите во одделенијата за интензивна нега.
Според Националниот институт за јавно здравје, во Словенија во последните 24 часа се потврдени 4.716 нови инфекции од 2.368 ПЦР тестови и 79.503 брзи антигенски тестови, што е за 405 случаи помалку од пред седум дена. Починале уште 22 пациенти, но бројот на пациенти на одделенијата за интензивна нега не се зголемува. Се намалува и 14-дневната инциденца на инфекции, како и просечниот број на потврдени инфекции во седум дена.
Поради позитивните епидемиолошки трендови, здравствените експерти предложија Владата на утрешната седница да олесни некои антиепидемиски мерки.
– Време е да се подготвиме за враќање во новата нормалност и да се олеснат некои мерки, но внимателно и постепено, рече епидемиологот Матеја Логар, која ја предводи владината експертска група за Ковид-19.
Епидемиолозите и предлагаат на Владата укинување на обврската за доставување ковид-потврди за влез во банки, пошти, продавници и канцеларии на државната управа, каде што е мал ризикот од заразување поради краткотрајниот контакт со странките.
Извор: МИА