Од Белата куќа предупредија на непосредна опасност од руска инвазија на Украина

Од:

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, изјави денеска дека руска воена инвазија може да започне во секое време и ги повика Американците да ја напуштат Украина веднаш.

-Не говориме дека има донесено одлука. Но набљудуваме како руските сили пристигаат на границата со Украина, изјави Саливан на брифинг во Белата куќа денеска, откако претседателот Џо Бајден зборуваше со лидерите на НАТО и ЕУ за ситуацијата и можниот заеднички одговор.

-Сега сме во таков прозорец кога инвазијата може да започне во кој и да било момент ако Владимир Путин одлучи да даде наредба. Не можам да споделувам повеќе разузнавачки детали, но сакам да бидам јасен, може да започне за време на Олимписките игри, наспроти шпекулациите дека тоа би се случило само после Олимпијадата, изјави Саливан.

Повика сите Американци во Украина да заминат од земјата во следните 24 до 48 часа.

Даде сценарио според кое Русите може да извршат најпрвин воздушен напад со ловци и ракетни лансери, а потоа да навлезат копнено и „брзо“ да го освојат Киев.

-Во тој случај ќе бидат прекинати сите линии на комуникација, нема да работи јавниот превоз како железничкиот, комерцијалните летови ќе одат приземјени, изјави Саливан.

-Во секој случај сме подготвени. Што и да се случи Западот е обединет како никогаш досега во изминатите години, изјави тој. Додаде дека се подготвуваат санкции како од страна на САД така и од Канада, Велика Британија и ЕУ, кои ќе бидат слични по дејство.

Државниот секретар Ентони Блинкен денеска од Мелбурн исто така предупреди дека „инвазија може да започне во секое време и да биде јасно, тоа може да се случи и за време на Олимписките игри“, кои треба да завршат на 20 февруари.

Блинкен изјави дека официјални лица на САД „продолжуваат да набљудуваат мошне загрижувачки знаци за руска ескалација, вклучувајќи нови сили кои пристигаат на границата со Украина. И тој ги повика Американците веднаш да ја напуштат Украина.

Бајден претходно разговараше телефонски со трансатлантските лидери, вклучувајќи го германскиот канцелар Олаф Шолц, премиерот на Велика Британија Борис Џонсон, како и премиерите на Италија и Канада, Марио Драги и Џастин Трудо; претседателот на Франција Емануел Макрон, на Анджеј Дуда на Полска, Клаус Јоанис на Романија, Урсула фон Дер Лејен од ЕК и Шарл Мишел од ЕС, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Русија распиша потерница по Зеленски

Катерина Ѓуровски

Русија: Украинците подготвуваат напад на мостот на Крим, Западот им помага, а одмаздата ќе биде погубна

А1он

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Смирнов ја повика Русија да отвори истрага против Зеленски за тероризам

Кулеба: Повеќе од половина од енергетскиот систем на Украина е оштетен во нападите на руските сили

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес