Иако меѓународното право е темел на политичкото и глобалното живеење, факт е дека има се уште „сиви зони“, во кои спаѓа и решението на името и пресудата од Хаг за Македонија. Вакви спорови околу име на држава до сега праксата не познава, вели Синди Хаазе, експерт за меѓународно право од Универзитетот во Лајпциг.
Во интервју за Дојче Веле, таа појаснува дека во Времената спогодба пропишани се привремени правила за односите меѓу Македонија и Грција како ќе се именува Македонија, дека Грција го прифаќа тоа, дека нема да ги попречува интеграциите на земјата во евро-атлантските институции и сл. Времената спогодба, значи – живее со јазикот на привременото, кое вистински и дефинитивно ништо не регулира, зашто со тоа би се прејудицирал статусот. Факт е дека регулативата која е во Времената спогодба и за двете страни на долг рок нема да биде доволна, вели Хаазе.
– Што се однесува до пресудата од Меѓународниот суд за човекови права од Хаг, во неа се вели дека Грција во моментот (кога предметот бил отворен – н.з.), не се однесувала коректно, односно ја прекршила Времената спогодба. Но, едновремено се вели дека Грција останува и натаму на Времената спогодба, дека двете страни треба да се придржуваат на неа и дека понатаму треба да се преговара! Има и екстра мислење на една судијка која го подвлекува привремениот тон на оваа Спогодба, односно наведува дека мора да се најде политичко решение, базирано врз преговори и добрата волја од двете страни кои би го детерминирале статусот. Важно е да се знае дека конечно решение не можат да бидат ни Резолуцијата на Советот за безбедност, а уште помалку Времената спогодба , коментира Хаазе.
На прашањето зошто пресудата не се тематизира од страна на ЕУ и НАТО и не се бара нејзино применување од страна на Грција, Хаазе смета дека суверените држави во принцип ваквите одлуки на Судот ги спроведуваат. Од друга страна, доколку тоа не го направат, единствена можност неспроведувањето да се санкционира би била кога Советот за безбедност би констатирал дека неспроведувањето на донесената судска одлука е закана за мирот. Значи, во случајот на Македонија мирот не е загрозен, и логичниот коментар е дека: пресуда има, но тоа што не се применува не засега никого (освен Македонија).
Што се однесува до влијанието на пресудата од Хаг врз одлуките на Европската Унија, Хаазе вели дека станува збор за друг вид и различно ниво на организации (Судот наспроти ЕУ). Битно е што одлуките на Меѓународниот суд за правдата генерално се признаваат од европските организации (јудикатива и легислатива), но тие не се автоматски обврзителни – со што конкретно се гледа фрагментираноста на правото. Во најдобар случај пресудата, на пример, може да се цитира од страна на ЕУ – и тоа е се’!.
Таа со став и за прашањето колку е праведно некоја личност, град или држава, да мора да си го смени името за да членува во „ексклузивен“ клуб, во случајот ЕУ и НАТО.
– Станува збор за правото на една суверена држава: интерно и интернационално. Изборот на името е ултимативно изразување на суверенитетот на една држава. Да дообјаснам. Некој може да прокламира една независна држава и и’ дава име. Тешкотиите настануваат кога друга држава каже дека тоа е нејзино име и се чувствува повредено доколку новата држава го користи истото име (на држава, односно во конкретниот случај територија).
Тогаш може да се каже дека има судири на правото. Ваквите судири за да се расчистат може да стасаат до Меѓународниот суд на правдата кој понатаму кажува дали ваквото право има карактер на меѓународно право кое се однесува на двете држави. Тоа може да се утврди преку меѓународните договори, но и преку обичајното право. Кога се говори за признавање или непризнавање на една држава, основањето и именувањето – во суштина може да се каже дека станува збор за законски сиви зони, зашто настанокот на една држава или нејзината прокламација се постепени и не се случуваат преку ноќ. Значи меѓународното право – овие процеси сигурно ги следело, но немало секогаш задоволителен одговор на многу политички спорни прашања што се токму од доменот на признавање или не признавање на една држава, подвлекува Хаазе.
Инаку, што се однесува до Македонија проблемот е и во тоа што во Обединетаите нации државата е призната под референцата ФИРОМ, а според Уставот е – Република Македонија. Така, доаѓа до строго делење на двете сфери на правото: меѓународното и внатрешното државно право.
Прашана доколку за пет, 10 или 20 години не се изнајде решение за спорот околу името, и постои ли некаква опција која би ја дала меѓународното право за конкретниот проблем меѓу Македонија и Грција, таа ги појаснува можностите.
– Колку што знам за овој спор се останува како што е регулирано во Времената спогодба. Односно таа е на сила се додека двете суверени држави не изнајдат поинакво решение. Со судска пресуда статусот не може да се одреди ниту регулира. Значи, останува да се преговара. Или доколку спорот трае толку долго, опција е меѓу двете држави некогаш да се етаблира некаква пракса на комуникација, која судот како таква би ја потврдил меѓу двете држави. Вакви примери и спорови околу име на држава до сега праксата не познава, подвлекува Синди Хаазе од Универзитетот во Лајпциг.